Оваа година, повеќе од кога било, се фокусиравме на удобноста во нашите домови, бидејќи сме принудени да поминуваме поголем дел од слободното и работното време во нив.
Сите ситници што досега не сме ги забележале го привлекоа нашето внимание – некои нè насмеаа, додека други ни пречеа. Бројни брендови дадоа се од себе да ни ги понудат своите новини на различни начини и да го олеснат овој тежок период, создавајќи удобни парчиња мебел, онлајн настани и многу повеќе. Меѓу сите се истакнува Роберто Кавали, со својата софа Малави.

Малави е гостопримлив, рафиниран и шармантен тросед, чиј дизајн е инспириран од душата на познатата марка – тоа е парче мебел што доби женствен и ултра шик стил, видлив во заводливите линии и сензуалноста на тапацираниот нубук во нежна розова нијанса.
Занаетчиската традиција на работа со кожа, што е уште еден типичен елемент на познатата марка, може да се забележи во декоративните реси кои ги збогатуваат потпирачите за раце на оваа софа. Совршени емблеми на сарторијалните вештини на брендот, овие елементи претставуваат и директна референца на етничката тема, која отсекогаш била дел од ДНК на куќата Роберто Кавали.

