„Запознајте го Дејвид пред Боуви“, започнува синопсисот на биографскиот филм за една од најголемите sвезди во историјата на музиката. Насловен “Stardust”, филмот се обидува да го истражи и реконструира животот пред славата на уникатниот Дејвид Боуви, за дваесет и четиригодишно момче кое започнува со својата прва турнеја низ Америка во раните 1970-ти, но се среќава со „свет кој сè уште не е подготвен за него“.
Филмот ги следи раните денови на создавањето на иконата, откривајќи ги задкулисните моменти кои ги инспирираа првите во серијата изведувачки алтер-его на Боуви, Зиги Стардаст, и начинот на кој Зиги само ја сврте кариерата на Дејвид и неотповикливо го лансираше меѓу sвездите.
Главната улога ја толкува Џони Флин, кој нè освои заедно со Ања Тејлор-Џој во филмот Ема, и кој сега ќе има можност да се справи со многу поамбициозната улога чие спроведување внимателно ќе го следат многу љубители на феноменалниот Дејвид Боуви. И судејќи според првите фестивалски рецензии, неговата изведба не разочара дури и кога критичкиот прием на филмот беше измешан.

Што друго треба да знаете? Филмот го режираше британскиот режисер Габриел Ренџ, додека приказната ја напиша Кристофер Бел. Публицистот кој го придружува Дејвид на патувањето го игра генијалецот Марк Марон, а тогашната сопруга на Дејвид, Енџи, која ја создаде неговата глам-личност, ја игра Џена Мелоун. Филмот можеме да го очекуваме на крајот на ноември, а во меѓувреме погледнете го неодамна објавениот трејлер:
