Родена во мал град во државата Мериленд, со сегашното живеалиште во Лос Анџелес, оваа стилистка си го остварува својот американски сон. Имено, Зерина се најде под лупата на модната јавност затоа што токму таа ги дизајнираше повеќето креации за визуелниот албум на Бијонсе, Black is King. Оваа амбициозна жена го усоврши занаетот во престижниот магазин W, каде што, како што призна и самата, беше една од само двете црни жени во канцеларијата, што до одреден степен го обликуваше нејзиниот печат во африкански стил.
„После долги стажирања, хонорарни активности, помагање, сето тоа се исплатеше на крајот кога пред шест години добив можност да работам со Бијонсе. Мојата приказна е класична успешна приказна, преку трње до ѕвезди, со многу крв, пот и работа“, изјави Акерс за американскиот Вог.
Кога ја започнаа нивната соработка, уште во 2014 година, двете успеаја да го заинтригираат модниот свет со серија објави на Инстаграм каде г-ѓа Картер позира како супермодел додека им дава на обожавателите увид во нејзиниот луксузен моден стил, укажувајќи на необични детали како накит, разновидни прстени и впечатливи ткаенини.
Соработката продолжи со снимањето на спотот за песната „Formation“ за да кулминира за време на создавањето на визуелниот идентитет за албумот Black is King. Еден вид омаж на африканскиот континент е јасно видлив во сите костуми и креации што се појавуваат во самиот филм, а најзаслужна за тоа е стилистката Зерина Акерс. Низ целиот филм може да се видат комбинации кои не се воопшто слични на она што Бијонсе го носеше порано. Мачкаст костум на Алесандра Рич, фустан на Мери Катранзу, корсет на Бурбери со животински принт се само дел од потписите што ги среќаваме во текот на филмот.
Се на се, важно е да се нагласи дека Акерс реши да обрне внимание на помалку познатите креатори и дизајнери во филмот, па Бијонсе можеме да ја видиме во креација на косовскиот бренд Kyuta & Meri, а се појавија имиња на разни афро-американски дизајнери. Фактот дека пет лица работеа повеќе од 300 часа за да го создадат мачка костумот на Версаче, доволно зборува за тоа колку бил баран процесот на создавање на ова визуелно ремек-дело. Стилистката не остави ништо на случајноста, па Бијонсе се појави во повеќе од сто модни комбинации, водејќи ги гледачите низ модно-филмско-културно визуелно патување.
Самата стилистка беше изненадена од бројните позитивни реакции по објавувањето на филмот. „Не бев подготвена. Сега, кога е објавен, верувам дека ќе послужи како референтна точка за уметноста каде што главниот акцент е ставен на величањето на црната убавина, сега е дел од историјата и тоа ме остава без зборови “, нагласи Акерс.
Како заклучок, таа истакна дека облекувањето е толку лична работа и кога стилистот ќе влезе во тој личен простор, тој се наоѓа во чувствителна позиција. „Многу е важно клиентите да ми веруваат и зависи од мене да им помогнам да ја пронајдат својата најдобра верзија“, рече 40-годишниот стилист, за кој сигурно ќе слушаме повеќе во иднина.
