На продажба за 5.5 милиони долари, луксузната Arkup плутачка вила, би можела да стане ултимативно богатство, кога ќе дојде до борба со морското ниво кое е во пораст…
Arkup No.1 Floating Home не е обичен луксузен концепт, туку е навистина револуционерен во својата срж. Дизајниран од страна на холандскиот архитект Koen Olthuis од Waterstudio.nl, ова е плутачка вила, која е реализирана како дел од филантропскиот фокус на идните хабитати на овој архитект, како и предизвик кој морското ниво во успон го носи со себе, пропратен со поплави, предизвикан од глобалното затоплување.
Четворособната вила, при што секоја спална соба има своја бања, претставува луксузен off-grid начин на живот, а ви нуди можност да уживате во сите концепти на земските недвижнини, додека живеете на вода, а не на крајбрежјето.
Рангиран како 122. на TIME листата за највлијателни луѓе на светот, Olthuis и неговата фирма се специјализирани за конструкција на плутачки структури и домови. Нивната родна Холандија, се наоѓа под морското ниво, така да предизвиците кои може да ги предизвика водата се нешто со кое мора да се бори уште сега. Arkup #1 e 22.9 метри долга двокатна вила на вода со околу 500 квадрати, а како прво издание, опремена е во соработка со бразилската компанија Artefacto.
Службено е претставена на скоро одржаниот саем за наутика во Мајами, оваа вила содржи соларна енергија, хидраулични стабилизатори и свои сопствени мотори. Нејзините хидраулични стабилизатори претставуваат иновативен систем за само-елевација кој може да се спушти за 6.5 метри за да вашата вила може да се издигне над брановите и да се сочува во тек на олуја. Во случај да сте далеку од крајбрежјето за време на олуја или цунами, Arkup е во својата суштина брод, кој лесно може да плови на големи бранови. Исто така оваа луксузна куќа е дизајнирана да со леснотија поднесе ураган од категорија 4, а целата своја складирана соларна енергија ја чува во батеријата од 1.000 kWh. Освен тоа има и систем за собирање на дождовницата, па е и во тој смисол самоодржлива.
Неколку мотори со 272 коњски сили можат да ја движат оваа куќа со брзина до седум јазли, дозволувајќи ви да побегнете во случај на катастрофа. Како што кажува нејзиниот творец, Arkup е комбинација од најдобрите атрибути на јахта, плутачка куќа и вила на крајбрежје, со дополнителни особини за самоодржување и еколошка свест.



