Секоја искрена практика на професијата „чини“, носи данок и остава последици. Со глумата нема ништо поразлично, напротив.
Актерите често сакаат да кажат дека нивната професија е една голема вистина и дека ако публиката препознае лага, тогаш нема магија. Меѓутоа, за да може публиката да верува во она што го гледа и слуша и за да се изгради меѓусебна доверба, потребно е актерот да се идентификува со ликот што го гради, а тоа го можат само најдобрите.
Еден од нив беше Хит Леџер. И покрај фактот дека почина многу млад, на само 28 години и дека не го достигна својот целосен потенцијал, тој остави зад себе доволно што сè уште е еден од омилените актери во многу срца. Неговата посветеност на глумата и начинот на градење улоги придонесоа за тоа.
Леџер е еден од оние актери кои целосно дололува лик на филмското платно. Потполно би се посветил на улогата што ја подготвувал до оној степен што практично го живеел тој лик. Се трудел секоја улога да ја направи различна од претходната, и секој лик уникатен и специфичен. Лесно му било да влезе во „новата кожа“ повторно и повторно, а кулминацијата ја доживеал со трансформацијата преку улогата на Џокер, што на крајот го чинеше живот.
Колку бил посветен покажува и фактот дека додека се подготвувал за филмот „Темниот витез“, тој поминал шест недели заклучен во хотел со цел да го креира совршено гласот на Џокер и да го најде јадрото на неговиот лик во него.
“Тој се заклучи во хотелска соба и помина неколку недели таму. Беше опседнат со ликот на Џокер. Тоа беше типично за Хит”, рекол еднаш таткото на актерот. Самиот Леџер за медиумите изјави дека се плаши од улогата, но дека сака да ја направи поинаква.
“Седев во хотелска соба во Лондон еден месец, се заклучив и напишав дневник додека експериментирав со гласовите. За мене беше важно да најдам оригинален глас и начин да се смеам. Погледнав во реалноста на еден психопат, некој со многу мала или без никаква свесност за неговите постапки. Тој е апсолутен социопат, кловн кој е ладнокрвен масовен убиец, а режисерот ми ја даде целата слобода. Забавно е затоа што нема ограничувања што може да направи или каже Џокер. Тој не се плаши од ништо и сè е голема шега “, рече актерот само неколку месеци пред неговата смрт.
Доказ за тоа нуди и документарниот филм „Heath Ledger: Too Young To Die“, кој, меѓу другото, го откри и дневникот што Леџер го водел додека ја подготвувал улогата за филмот „Темниот витез“. Документарецот покажува белешки, цртежи, фотографии, но открива и дека Леџер инспирацијата за Џокер ја пронашол во ликот на Малком Мекдауел од „A Clockwork Orange“. На крајот од филмот се појавува негова слика во костум на Џокер, а над неа е напишано „Збогум“ со маркер.
Неколку месеци пред неговата смрт, во интервју за Њујорк Тајмс, актерот изјавил дека бил под голем стрес и дека имал проблеми со спиењето додека се подготвувал за улогата на Џокер. Се зборувало дека имал проблеми со наркотици и алкохол, поради што наводно го напуштила актерката Мишел Вилијамс. Во јануари 2008 година, тој беше пронајден мртов во својот кревет во стан во Њујорк. Лежел гол, со лекови до него.
„Темниот витез“ излезе неколку месеци по смртта на актерот, а тој постхумно доби Оскар за улогата на Џокер.
Почина млад, но покрај одличните улоги, остави и увид како изгледа животот што е нераскинливо поврзан со уметноста.