• Сподели на:

Сѐ што никогаш нема да ти кажам

___

Јас и ти сме „зафркнати“. Толку „зафркнати“ што ни двајцата не знаеме колку многу. Јас знам многу да се загреам, а ти знаеш многу да оладиш, но потоа јас оладувам, а ти малку по малку се загреваш.

se-sto-nema-da-ti-kazam-01

Колку и да не сме погодени, некако пак на крајот… сме ух… погодени.

Знам дека тресам глупости и знам дека сум дете. Уште многу работи знам што не се во ред кај мене, но не секогаш вината е во мене. Мислиш дека би можеле да функционираме како досега, минус моите испади и твојата лутина? Јас некако мислам дека би можеле. И одамна никој не ми се допаѓал.

Точно е дека сакам да сум со тебе постојано, но и сам ја знаеш причината зад тоа. Кога ќе станам таква, неподнослива, тогаш оддалечи се. Не кревај телефон, не го гледај напишаното и едноставно земи си време колку што ти треба. И потоа врати се. Врати се топол како летна вечер, каков што беше првите денови кога се запознававме.

Признавала или не, ми се допаѓаш таков. Сакам да ми контрираш и да ми зборуваш глупости. Сакам да го направиш нештото иако сум ти рекла „не“. Ми се допаѓа да ме нервираш. Знам, психотична сум и не знам што сакам. Но, и ти си тука некаде.

И така двајцата остануваме на некоја златна средина. На некое млако место каде јас не те горам, а ти не ме замрзнуваш. Таму, ние двајца – пар комплетни спротивности функционираме на некој чуден и изопачен начин.

Знам дека те полудувам од нервоза. Знам дека сум предизвик, но знам дека ти би се нафатил на тоа. Тебе ти е потребно малку „лудило“ за да останеш нормален. Глупаво е што не знам сето ова во лице да ти го речам и што мораш сам да го прочиташ, но таква сум. Така се изразувам – на напишано, а не во очи како што преферирам. Никогаш не сум ти кажала колку не знам да ги кажам вистинските нешта во вистинскиот момент. Колку имам трема кога зборувам, иако сите што ме познаваат веруваат дека е невозможно јас да имам трема.

А ти, ти никогаш не си ми ги кажал точните мисли. Разбирам дека не можеш, разбирам дека не сакаш. Но, на моменти мојата глава заминува на такви места и се прашува што размислуваш, што правиш и сл. Си ја заморувам главата со неважни работи додека ти спиеш.

Спиј, јас ќе те покријам. Ќе те покријам со зборовиве и ќе заспиеш уште подлабоко и помеко, потпрен над моите мисли. Се распламтувам покрај тебе, се ежам и те посакувам. Повеќе од лето, повеќе од распуст, повеќе од тоа да немам за учење. Те посакувам да се насмевнеш, да ме погледнеш и да ми шепотиш.

Да бидеш мистериозен и луд. Можеби и да направиш нешто што комплетно ќе ме изненади, нешто што знаеш дека би го сакала. Но, знам дека не можеш, дека ти не се искажуваш и дека не функционираш така.

Понекогаш ми е потребен водич за тебе, но ти не си уред. Ти си човек од крв и месо, со чувства, со мисли. Неискажани, но сепак некаде постоечки. Би сакала да бидеш луд, како што јас знам да бидам луда. Ќе ме прашаш што сакам, а одговорот ти се крие во текстов, само треба доволно да ме знаеш за да сфатиш.

А, можеби навистина рокот на траење на двајцата ни истече. Можеби залудно те барам да се вратиш, кога ти веќе си заминал засекогаш. Можеби треба да намалам со сето ова, со сите шаради, со сите надежи… со тебе. Во право сум?

Правиш да се мислам, правиш толку силно да се замислам што целово тело не си го чувствувам и кожата толку болно ми формира крукчиња кои ме ежат. Знаеш што е ова, немој да мислиш дека е она за што те прашав тогаш.

Некогаш мислам дека би сакала да биде, но јас знам дека јас сум таа која ќе те повреди. Јас не знам за мера, јас знам само за она што јас го сакам. И го грабам. Го грабам со ноктите и ретко го пуштам. Жалам, ама ти таква несреќа имаш.

Неконзистентна сум во пишувањево. Реков дека ќе започнам да пишувам роман, но еднаш го почнав и никогаш не се навратив на него. Сигурно ќе чујам жалби и за текстов дека е несреден и лошо напишан и дека само реченициве се натрескани. А, се. Ама искрено се. И ова е сѐ што нема да ти кажам. Твое е да прочиташ и да сфатиш и можеби конечно да го направиш тоа што одамна те чекам. Не се залетувај мислејќи дека те љубам и дека сакам животот да си го поминам со тебе.

Јас не сум девојка која цел живот си ја замислува свадбата. Мразам свадби и мразам деца и воопшто не сум традиционална. Не јадам сол и како што кажа „воопшто не припаѓам во твојата куќа“. За темата за Господ, веќе ми го знаеш ставот.

Боже колку сме спротивни, колку само сме различни и колку сепак тоа некако си одговара. Се лажам ли? Дојди на врата и кажи ми…


Оставете коментар

___